Кире Наумов
ГЛАВЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР
Кире Наумов е роден 1971 година во Скопје. По дипломирањето на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Катедрата за деловна економија, својата кариера ја започнува во Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал како соработник во Секторот за финансии и контрола. Во текот на својата кариера, работи како асистент од областа на математиката и статистиката на Економскиот факултет во Скопје, советник за економски прашања на претседателот на Владата на РМ, советник за економски прашања на претседателот на Република Македонија, директор на Агенцијата за разузнавање на РМ, претседател на Одбор на директори на осигурително брокерско друштво, дополнителен заменик- министер за финансии и заменик на министерот за економија.
Повеќе од 20 години е вклучен во економските прашања поврзани со јавниот долг и јавните финансии, предизвиците во приватниот сектор и јавните политики.Со искуство повеќе од 7 години во советување на креаторите на јавните политики, ентузијаст кој се стреми да придонесе кон поефикасен, транспарентен и одговорен јавен финансиски сектор. Голем критичар на јавните политики кои резултираат во непродуктивно трошење и пораст на јавниот долг, и воопшто на нетранспарентните јавни процеси.
Човек кој постојано се надградува, читањето му е посебно задоволство, и тоа најчесто теми од политиката, јавни политики, историја и индикатори на економски развој.
Од 22.11.2019 год., Кире Наумов ја извршува должноста главен извршен директор и член на Управен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Фарук Исмаили
ГЛАВЕН ОПЕРАТИВЕН ДИРЕКТОР
Фарук Исмаили е роден 1976 година во Тетово. По дипломирањето на Економскиот факултет при Универзитетот ЕГЕ во Измир, Турција, својата професионална кариера ја започнува во општина Тетово како референт за локален економски развој. Во текот на својата кариера, работи како референт за кредитирање на правни лица во Стопанска банка, раководител на експозитура на Охридска банка во Тетово ,и регионален раководител на експозитурите на Охридска банка во Тетово и Гостивар. Од 16.12.2019 година, Фарук Исмаили ја извршува должноста главен оперативен директор и член на Управен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Андриана Матлиоска
ПРЕТСЕДАТЕЛ
Д-р Андриана Матлиоска е државен секретар во Министерството за финансии на Република Северна Македонија. Повеќе од една деценија нејзиното професионално искуство се протега во областа на јавните финансии, банкарството, усогласеност со регулатива и корпоративно управување.
Кариерата ја започнува во Министерството за финансии, на почетокот на 2015 година, каде што извршува повеќе одговорни позиции поврзани со координирање на процеси со областа на финансискиот сектор, следење на финансиското работење на јавните претпријатија, трговските друштва и агенции, буџетските процеси и креирањето политики. Во периодот 2021 – 2024 година ја извршува функцијата одговорно лице за контрола на усогласеност со прописи, а едновремено е одговорна за вршење на функциите офицер за заштита на лични податоци и одговорно лице за FATCA во една од македонските банки, каде што беше задолжена за регулаторна усогласеност, управување со ризик од неусогласеност и имплементација на меѓународни финансиски стандарди. Во 2024 година се враќа во Министерството за финансии како посебен советник на министерот, а наскоро потоа е именувана за државен секретар.
Матлиоска е доктор на правни науки со специјализација во трговско и трудово право и е магистер по деловно право и сертифициран специјалист за корпоративно управување и усогласеност со прописи според европските стандарди за квалитет во стручното образование и обука.
Активен член е на повеќе национални комисии и комитети во областа на финансискиот систем и стабилност, спречувањето перење пари, управувањето со јавните финансии и антикорупцијата. Учествувала на бројни меѓународни конференции и форуми организирани од страна на Светската банка, ММФ, ОЕЦД и Европската Унија, придонесувајќи за јакнење на финансиското управување и меѓународната соработка.
Со академска стручност и обемно практично искуство во финансискиот сектор, д-р Матлиоска обезбедува транспарентност и отчетност и воедно промовира одржлив финансиски развој во Република Северна Македонија.
Од 31.10.2025 година ја извршува функцијата Претседател на Надзорен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Христина Келемен
ЧЛЕН
Христина Келемен дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде ги завршува и постдипломските студии на Економскиот институт. Професионалната кариера ја започнува во 2002 година во приватниот сектор, а во 2008 година ја продолжува во Канцеларијата на Претседателот на Владата, каде работи на економски политики како Државен советник за економски прашања. Како извршен член на Одборот на директори на АД Тутунски комбинат Прилеп активно учествува во корпоративното управување, стратешкото планирање и реализацијата на развојни проекти. Истовремено, ја извршува функцијата в.д. Претседател на Советот за унапредување и надзор над ревизијата. Во моментов е Советник за финансиски прашања во Канцеларијата на Претседателот на Владата.
Од 14.10.2025 година е член на Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Тања Михајловска Димитриевска
ЧЛЕН
Тања Михајловска Димитриевска е родена во 1981 година во Скопје. По дипломирањето на Eкономскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Катедрата за финансиски менаџмент, својата професионална кариера ја започнува во Ernst & Young – Скопје во одделот за екстерна ревизија на банки и осигурителни компании. Од 2005 година почнува да работи во ПроКредит Банка каде што станува Директор на внатрешна ревизија. Во последните десет години (од 2015 до денес) работи како експерт и Глобален директор за внатрешна ревизија во инвестициски банки во Лондон, Обединетото Кралство каде води глобални тимови и спроведува ревизии во области како стратегиски промени и трансформации, коорпоративно кредитирање, приватно банкарство и коорпоративна култура. Таа е Овластен внатрешен ревизор од Институтот за Ревизори во Обединетото Кралство (IIA UK, 2023) и е сертифицирана за спремност за управни и надзорни одбори (Board Readiness Programme, 2025). Воедно активно делува и како лидер/амбасадор во Women on Boards Adria, член на European Women on Board и поранешен основач и член на управниот одбор на Институтот за Внатрешни Ревизори во Северна Македонијa.