Државниот завод за ревизија (ДЗР), објави конечен извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје (РБСМ). Со извршената ревизија, ДЗР изрази мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Во 2020 година, Банката го зголеми кредитниот потенцијал за 13% споредено со претходната година и оствари нето- добивка од 31,8 милиони денари.
Во 2021 година, Банката продолжи во истиот правец, и ја зголеми вкупната актива за 21% со соодветен раст на кредитното портфолио од 19%, раст на портфолиото од кредитното осигурување од 38% и на факторингот од 11%. Банката и во 2021 година, оствари позитивен нето-финансиски резултат од 39,6 милиони денари.
Во периодот 2020-2021 година, Банката реализираше неколку бескаматни кредитни линии за поддршка на компаниите во услови на Ковид криза. Воспостави кредитно гарантна шема и воведе нов производ – царински гаранции.
ДЗР со мислењето без резерва дава уште една потврда дека работењето на Банката, односно активностите, финансиските трансакции и информациите, рефлектирани во финансиските извештаи на Банката, во сите материјални апекти, се во согласност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
РБСМ и во 2022 година продолжува да работи во таа насока, со зголемување на кредитниот потенцијал, изнаоѓање на нови извори за финансирање, како и со воспоставување на нови кредитни линии насочени кон поддршка на компаниите во време и услови на енергетска и економска криза.