Конференција за животна средина, општествени прашања и управување
На панелот посветен на пристапот до финансии, финансиските инструменти и изворите на финансирање, Раководителот на Службата за план и анализа во РБСМ, д-р Горан Ковачев говореше за условите на кредитната линија наменета за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) обезбедена со помош на Владата на Република Северна Македонија, како и интересот на компаниите, односно намената на инвестициите финансирани од истата. Тој притоа потенцираше дека во функција на ЕСГ инвестициите покрај оваа специјализирана кредитна линија, компаниите можат да ги користат и останатите производи на Развојната банка.
Д-р Ковачев се осврна и на идните планови на Банката. Имено, благодарение на докапитализацијата на Банката во износ од 10 милиони евра што Владата на РСМ ја изврши кон крајот на минатата година, во следниот период ќе се продолжи со кредитната линија за енергетска енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ). Дополнително беше најавена најновата седма по ред соработка со ЕИБ во форма на кредитна линија во износ од 100 милиони евра која наскоро ќе се стави на располагање на македонските компании, со која најмалку 30% од средствата ќе бидат резервирани за финансирање на ЕСГ проекти. Беше ставен акцент и на активностите на Банката за изнаоѓање дополнителни извори на средства од странски кредитори за потребите на компаниите, со цел таа и понатаму да ја извршува својата развојна функција определена со Законот.