Потпишан договор со Француската развојна агенција за нови 50 милиони евра наменети за поддршка на компаниите

21.12.2023

Владата, Министерството за финансии и Развојната банка преку Француската развојна агенција обезбедија нови извори на средства со цел поттик на македонската економија да инвестира во зелени, социјални инвестиции и дигитализација во износ од 50 милиони евра.
 

Средствата ќе се пласираат преку Развојната банка на Северна Македонија, а до крајните корисници ќе бидат достапни преку деловните банки во земјата. Денеска беа потпишани договори од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и главниот извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов. Договорот од страна на Француската развојна банка го потпиша Матје Васер, директор за Европа и Азија во Агенцијата.

Кире Наумов, извршен директор на РБСМ, го изрази својот ентузијазам: „Оваа долгорочно ориентирана соработка со Француската развојна агенција, најавува нова ера за РБСМ, овозможувајќи ни да ја интензивираме нашата улога во поттикнувањето на понудата за финансирање на климатските промени, како и во стимулирање на иновативниот и инклузивниот раст во приватниот сектор“.