По повод светскиот ден на штедење 31. октомври, од страна на Македонската банкарска асоцијација, беа доделени признанија за постигнати особени резултати во работата на службениците номинирани од банките, штедилниците, Клириншката куќа КИБС и Македонското кредитно биро.
Јасминка Еленчевска и Боро Варошлија се двајцата службеници од Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје кои ја добија наградата за најдобри банкарски службеници во 2024 година.
Јасминка Еленчевска: „По повод Денот на штедењето, имав чест да ја добијам наградата “Најдобар банкарски службеник за 2024 година”. Во изминативе 19 години вработена сум во РБСМ каде професионално ја извршувам работата и активно учествувам во спроведувањето на финансиските процеси. Во секоја работа треба да си посветен и самиот на себе да си поставуваш поголеми стандарди што ќе придонесат се повеќе да напредуваш во работата. Тековните работи за мене беа предизвик и го збогатија моето банкарско искуство. Сметам дека добрата соработка со моите колеги и работењето како тим го подигнуваат нивото на успешност на банката и претставува мотив, за мене лично, да продолжам да работам во таа насока и професионално да се усовршувам.
Изразувам благодарност до менаџерскиот тим кој го препознал мојот придонес во работењето на банката, и се надевам дека наградата ќе биде инспирација за секој банкарски службеник да ја негува културата на финансиско усовршување“.
Боро Варошлија: „Развојна банка на Северна Македонија е институција која се базира на високи етички и професионални стандарди во своето работење. Да се биде успешен во банката, воопшто во банкарскиот сектор значи постојано учење, континуирано вложување, посветеност и одлични комуникациски вештини. Оваа награда е значаен успех и големо задоволство за мене, бидејќи претставува признание на мојот вложен труд за време на моето 12-годишно работно искуство во банката. За успехот пред сé е потребна тимска работа, професионална етика и постојано усовршување.
За банката ваквата награда е признание за нејзината заложба во развивање и поддршка на талентираните професионалци, како и кон постигнување на заедничките цели на тимот и организацијата. Наградата е мотивација за понатамошно усовршување и промовирање на вредностите на банката“.