Исплатена шестата транша во износ од 19,4 милиони евра кон деловните банки од кредитната линија за инвестиции и развој на компаниите

03.10.2025

Развојна банка ја исплати шестата транша во износ од 19,4 милиони евра кон деловните банки за 43 одобрени проекти на домашните компании, од кредитнатата линија за инвестиции и развој. Средствата од оваа транша се наменети за проекти на 5 микро, 22 мали, 7 средни и 9 големи компании. За инвестиции во градежи и опрема наменети се 17,6 милиони евра, за инвестиции во обновливи извори на енергија 1,5 милиони евра, додека за инвестиции во транспортни средства 252,3 илјади евра. Од оваа транша најголем дел од средствата се наменети за 30 проекти на компаниите со претежна производствена и трговска дејност.

Со оваа транша, Развојна банка досега исплати вкупно 190,6 милиони евра кон деловните банки, од предвидените 250 милиони евра наменети за поддршка на стопанството преку кредитната линија за инвестиции и развој, со што се финансирани 682 проекти на домашните компании.