Успешно завршен проект - ЕИБ 7 кредитната линија во износ од 100 милиони евра за поддршка на македонски компании

30.12.2025

Развојната банка на  30.12.2025 година  ја повлече десеттата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност. Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши  реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра.

Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европската инвестициска банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки-учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициски кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.

Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина.

Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 евра. Со средства од овие кредитни линии поддржани се  2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.