Вести

Известување за нова група на одобрени кредитни апликации од кредитната линија Ковид2

РБСМ, 14.06.2020 - Владата вчера, на 66. седница, ја усвои информацијата на Развојната банка на Северна Македонија за кредитните барања кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр. 1 за кредити од кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, и ја задолжи банката да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат критериумите во Јавниот повик бр. 1, наведени во доставените Список бр. 3 и Список бр. 4, односно со 476 компании со барања за поддршка во висина од 316.038.500 денари.

 

Во врска со овие информации на Развојната банка на Северна Македонија, Владата донесе заклучок да се разгледаат можностите за обезбедување дополнителни средства заради големиот интерес од компаниите за овие мерки за намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.

Вкупно досега се одобрени 593 кредитни барања за компании со вкупно 10.108 вработени. Најголем дел од одобрените кредитни барања доаѓаат од микро компании кои вработуваат до 10 лица и тоа 377 или 64%. Од мали компании доаѓаат 166 или 28% од одобрените кредитни барања и 50 или 8% доаѓаат од средни компании.

Вкупниот одобрен износ од втората бескаматна кредитна линија ,,Ковид2" досега изнесува 7.1 милиони евра.