Вести

Известување во врска со кредитната линија Ковид2

РБСМ, 10.09.2020

 

Почитувани,

Во согласност со Јавниот повик за поднесување на апликации за директна финансиска поддршка на трговските друштва и трговци-поединци регистрирани во РСМ од Компензационите фондови,  Ве известуваме дека Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија, во целост ја реализираше втората бескаматна кредитна линија „Ковид2“.

Јавниот повик беше објавен на 25.04.2020 год., а аплицирањето започна на 29.04.2020 год. со времетраење од 15 дена, заклучно со 13.05.2020 год. Принципот на реализација на кредитната линија беше „прв дојден, прв услужен“.

Аплицирањето се вршеше исклучиво по електронски пат, согласно мерките за спречување на ширењето на вирусот и заштита на јавното здравје.

Имајќи ја предвид целокупната ситуација и условите во кои се спроведуваше кредитната линија, цениме дека успеавме во разумно време да одговориме на потребите на микро, малите и средните претпријатија за обртни средства.

Расположливите средства со јавниот повик „Ковид2“ (8 милиони евра) се целосно исцрпени со последните одобрени кредити од пристигнатите апликации на ден 30.04.2020 год. до 12 часот и 34 минути. Во овој период се евидентирани вкупно пристигнати 796 кредитни апликации, од кои 643 се одобрени за кредитирање, а 153 апликации се одбиени заради неисполнување на условите и критериумите од јавниот повик. 

Од одбиените 153 апликанти,
- 37% се одбиени заради негативен износ на капитал и резерви како резултат на кумулирани претходни загуби,
- 15,7% се одбиени заради недоволен капитал и резерви,
- 13,7% се одбиени заради тоа што немале намалување на приходите за повеќе од 30%,
- 13,7% се одбиени заради презадолженост, каде обврските на апликантите го надминувале износот на капитал за повеќе од пет пати,
- останатите се одбиени заради полоша кредитна категоризација, основани помалку од 6 месеци и некомплетна документација.

Секој од одбиените 153 апликанти, веќе има добиено известување по електронски пат, односно на е-мејлот пријавен на апликацијата за кредит, со образложение за основот по кој не ги исполнуваат условите за кредит.

Владата на Седница одржана на 09 септември 2020 год. го одобри и последниот обработен список со кредитни апликации, со што расположливите средства се исцрпија до крај.

Согласно објавениот повик, ги известуваме сите апликанти кои своите апликации за втората бескаматна линија ги испратиле по 12 часот и 34 минути на 30.04.2020 година, дека нивните апликации нема да се разгледуваат од страна на банката, заради целосната исцрпеност на предвидените средства за доделување на бескаматни кредити од Компензационите фондови од Јавниот повик Ковид2.