Вести

МФ, ЕИБ и Развојна банка потпишаа договор за нови 100 милиони евтини кредити за мали и средни фирми

- соопштението е преземено од Министерство за финансии - 


21 јуни 2021, Скопје - Договор за нови 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) со кои ќе се поддржат најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании, беше потпишан од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова и директорот на Развојна банка на Северна Македонија Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир. Средствата, Развојната банка ќе ги пласира до фирмите преку комерцијалните банки.

Условите под кои ќе се даваат кредитите до фирмите се исклучително поволни, со рок на отплата до 12 години и вклучен грејс-период од 2 години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства и по исклучително поволна повластена каматна стапка, која за првите транши би изнесувала до 1,6%.

-Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството се додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од Европската инвестициска банка, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резулати. Денеска потпишавме исклучително важни договори со Европската инвестициска банка, со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за малите и средни фирми во Република Северна Македонија, или една значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од Covid-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст - рече Бесими.

Оваа кредитна линија е дел од поддршката на Европската унија и Европската инвестициска банка за адресирање на ефектите на Ковид-19 пандемијата врз економијата.

- Овие средства ќе одговорат на ликвидносните потреби на фирмите за обртни средства, но и ќе поттикнат долгорочни инвестиции во Република Северна Македонија, во контекст на економско заздравување и иден раст. Оваа линија е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка за опоравување на земјите од Западен Балкан од КОВИД-19. Ja користам оваа можност да ја изразам целосната поддршка на ЕИБ кон Република Северна Македонија и регионот во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ. Со нетрпение очекуваме напредок на пристапниот пат на Северна Македонија, како и да ја продолжиме нашата блиска соработка со Владата, Развојната банка, ЕУ и другите финансиери во земјата, за успешни сегашни и идни проекти кои ќе донесат придобивки за граѓаните на Северна Македонија - рече Павлова.

Малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено кога станува збор за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда. Токму затоа Тим Европа, односно Европската унија и земјите членки, како и поврзаните финсиски институции, презема чекори да ги поддржи малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија уште од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации, така со помошта на ЕУ, тие можат да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата од здравствената криза - рече Дејвид Гир, амбасадор на Европската унија во земјава.
Директорот на Развојната банка посочи дека соработката со ЕИБ е стратешка и успешна. Во последните 13 години до денес, воспоставени се шест договори со кои 550 милиони евра се ставени во полза на економскиот развој во земјава, со кои се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и креирани се 8.029 нови работни места.


-Во периодот пред нас, кој е фокусиран на економското закрепнување и на забрзан економски раст, потребно е искористување на потенцијалот за раст, развој и адаптација на компаниите преку цврст партнерски однос помеѓу нив и финансиските институции. Како развојна банка, ќе продолжиме одблизу да ги следиме потребите на реалниот сектор и ќе настојуваме да нудиме портфолио на производи и услуги кои ќе го засилат искористувањето на нивниот потенцијал. Во оваа насока, преку овие 100 милиони евра очекуваме да обезбедиме финансиска поддршка преку комерцијалните банки за најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании - рече Наумов.

Од претходните пет заеми од Европската инвестициска банка преку Развојната банка се пласирани средства во вкупен износ од 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствената дејност, 127 милиони евра кон компании со дејност трговија, 40 милиони евра кон компании од транспортната дејност, и компании од други дејности како – услуги, угостителска дејност, здравство, образование.

07.07.2021, ЈАВЕН ПОВИК ЗА НОВА БЕСКАМАТНА КРЕДИТНА ЛИНИЈА „КОВИД 4“.                                                                                                                             01.07.2021, ЈАВЕН ПОВИК ЗА НОВА БЕСКАМАТНА КРЕДИТНА ЛИНИЈА ЗА ТРГОВСКИ РАДИОДИФУЗНИ ДРУШТВА.                                                                                              ИНСТРУКЦИИ ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ ПО КРЕДИТНИТЕ ЛИНИИ: „КОВИД-1“, „КОВИД-2“ И „КОВИД-3“.