Вести

РБСМ, 16.04.2021

 

Почитувани,

Во согласност со Јавниот повик за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на микро и мали претпријатија погодени од Ковид-19 од Фонд за микро и мали претпријатија, ве известуваме дека Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија, во целост ја реализираше третата бескаматна кредитна линија со грант компонента „Ковид3“.

Фондот за микро и мали претпријатија е формиран со буџетски средства од 60 милиони денари и средства од буџетска поддршка во износ од 30 милиони евра преку активноста ЕУзаОтпорност (EU for Resilience) од ИПА програмата.

Со оваа кредитна линија беше овозможена поддршка на микро и мали трговски друштва, трговци- поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход. Јавниот повик беше објавен на 07.12.2020 година, а аплицирањето започна на 16.12.2020 год. со времетраење од 15 дена, заклучно со 30.12.2020 год до 23:59 часот. Принципот на реализација на кредитната линија беше „прв дојден, прв услужен“.

Аплицирањето се вршеше исклучиво по електронски пат, согласно препораките за спречување на ширењето на вирусот и заштита на јавното здравје.

Расположливите средства се исцрпени со последните одобрени кредити од пристигнатите апликации на ден 30.12.2020 год. до 14 часот и 51 минути. Во овој период се евидентирани вкупно 3.192 кредитни барања, од кои 2.703 се одобрени за кредитирање, а  кај 489 кредитни барања е утврдено дека не исполнуваат најмалку еден од условите и критериумите од Јавниот повик.

Од овие 489 кредитни барања:
- 249 (51%) не го исполнуваат критериумот износот на капиталот и резервите во билансот да изнесува најмалку 33% од износот на кредитот;

- 114 (23%) не се микро или мали трговски друштва, ТП или занаетчии кои плаќаат давачки на реален доход;

- 36 (7%) немаат пад на приходи од најмалку 20%;

- 31 (6%) се не поголеми од микро или мал субјект;

- 24 (5%) имаат кредитна категорија која не е во прифатливите кредитни категории наведени во Јавниот повик;

- 19 (4%) се новорегистрирани субјекти;

- 16 (3%) имаат некомплетно барање и/или обврски кон УЈП.

Секој од одбиените 489 апликанти, веќе има добиено известување по електронски пат на е-маил адресата од тековната состојба, со образложение по кој основ не ги исполнуваат условите за кредит.

Ги известуваме сите апликанти кои своите кредитни барања ги испратиле на е-маил адресата Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. последниот ден, 30.12.2020 година по 14 часот и 51 минути, дека по нивните кредитни барања нема да се одлучува од страна на банката, заради исцрпеност на предвидените средства за доделување на бескаматни кредити од Фондот за микро и мали претпријатија.

Скопје, 16.04.2021 - Преку трите кредитни линии, КОВИД 1, 2 и 3, од Развојната банка на Северна Македонија, обезбедени се ликвидни средства во вкупен износ од 44,1 милиони евра, пришто се поддржани над четири илјади компании кои вработуваат 36.802 лица. Оваа финансиска поддршка значително им помогна на компаниите да ја одржат својата ликвидност во кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, кредитите се со каматна стапка од 0% и грејс период до 6 или 12 месеци, кој за Ковид 1 дополнително се продолжи за три месеци. 

До Владата е доставен Извештај за исцрпеноста на бескаматната кредитна линија КОВИД 3, од која се овозможени заеми на 2.703 трговци-поединци и микро и мали компании, кои вработуваат вкупно 19.031 лица. Вкупниот износ на одобрени заеми изнесува 30,6 милиони евра. На повикот се пристигнати 3.282 кредитни барања од кои се разгледани 97%. Од нив, се одобрени 2.703 кредитни барања, додека за 489 кредитни барања е утврдено дека не исполнуваат најмалку еден од условите од Јавниот повик.

Најголем број на одобрени кредитни барања има од мали компании – 1.422 (53%), потоа следуваат микро компании – 1.052 (39%), трговците поединци кои се 171 (6%) и 58 занаетчии (2%).

Структура

Кредитни барања

%

Мали трговски друштва

1.422

53%

Микро трговски друштва

1.052

39%

Трговец поединец

171

6%

Занаетчија

58

2%

Вкупно

2.703

100%


Во однос на регионалната распределба, најголемиот број на компании се од Скопскиот плански регион, вкупно 878 (32%), по што следува Полошкиот плански регион со 392 компании (15%), вкупно 322 (12%) компании се од Југоисточниот плански регион, 303 компании (12%) се од Југозападниот плански регион, 257 (10%) се од Источниот плански регион, 270 (10%) се од Пелагониски плански регион, 146 компании (5%) се од Вардарски плански регион, додека од Североисточен плански регион кредити добија 135 компании (5%).

Регион

Кредитни барања

%

Скопски

878

32%

Полошки

392

15%

Југозападен

303

12%

Југоисточен

322

12%

Источен

257

10%

Пелагониски

270

10%

Вардарски

146

5%

Североисточен

135

5%

Вкупно

2.703

100%


Бескаматните кредитни линии се покажаа како одлична алатка за премостување на кризата за микро, малите и средни компании, трговците поединци и занаетчиите, обезбедија нивна ликвидност и обртни средства, со што се помогна за зачувување на работните места. Со вкупните средства од над 44 милион евра, директно е поддржаната работата на 1.943 микро компании, 1.783 мали компании, 75 средни компании, 219 трговци поединци и 58 занаетчии, кои вработуваат 36.802 лица.

КРЕДИТНА ЛИНИЈА

Микро компании

Мали компании


Средни компании


Трговец поединец


Занаетчии

Вкупно компании


Вработени

Финансиски средства

(мил. Евра)

КОВИД 1

517

175

17

27

/

736

6.525

5,5

КОВИД 2

374

186

58

21

/

639

11.325

8

КОВИД 3

1.052

1.422

/

171

58

2.703

19.031

30,6

ВКУПНО

1.943

1.783

75

219

58

4.078

36.802

44,1


Извор: Влада на Република Северна Македонија

Главниот извршен директор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, Кире Наумов, присуствуваше на прес конференција организирана од Владата на Република Северна Македонија за ефектите од реализацијата на економските мерки.
На прес-конференцијата се обратија Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими, а беа присутни и заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи,  како и министерот за економија, Крешник Бектеши


-Соопштението е преземено од Влада на РСМ-

 

Скопје, 08.04.2021 - Буџетските приходи се повисоки во однос на преткризниот период, 4,4% е растот на вкупните приходи, 5% е растот на даноците и придонесите. Вториот пакет економски мерки е имплементиран 100%, а севкупна имплементација од четирите пакет мерки изнесува 82% или 860 милиони евра. Економските мерки го подобрија економскиот резултат за 4,2 процентни поени, беше истакнато на денешната прес-конференција на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими, на која присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Крешник Бектеши, министер за економија и Кире Наумов, директорот на Развојната банка. 

Премиерот Заев, истакна дека сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.

„Првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1%, вториот пакет мерки е 100% имплементиран, третиот пакет 75,4% и четвртиот пакет 72,7%. Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така да вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99% имплементација. Гледано по компоненти на БДП, доколку не биле преземени мерките како субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички и сите мерки кои ги донесовме, падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно -11,8%, наместо -5,6% колку што изнесува според објавените податоци на Државниот завод за статистика. Во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани компаниите и граѓаните погодени од пандемијата. Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите 4 пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на 7 мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и јас се надевам дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки“, изјави Заев и додаде дека имаме позитивни сигнали дека економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа: високиот раст на извозот; растот на трговијата; зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата.

Премиерот Заев, потенцира дека извозот има номинален раст од 15,4 отсто во јануари на годишна основа, увозот на стоки раст од 5,3 отсто со што трговскиот дефицит во јануари се намали за 29 проценти. Во јануари прометот во внатрешната трговија има номинален годишен раст од 0,8 отсто, просечната плата има раст од 2,7 отсто, позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството, така што во февруари вкупните кредити се зголемени за 4,4 отсто на годишна основа, кај стапката на невработеност е забележано постепено намалување, вработеноста е зголемена.


„Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст во 2021 година и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата. Со закрепнување на глобалната економија, очекуваме дополнително закрепнување и на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и со растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, ќе се придвижи економскиот раст. Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа“, рече премиерот.

Министерот Бесими истакна дека од почетокот на годината имаме позитивни движења во економијата, кои најлесно и најбрзо може да се детектираат преку приходната страна на буџетот.

„Даночните приходи и придонесите се повисоки за 5% во однос на истиот период лани - што е преткризен период, каде нема импакт од КОВИД-19 кризата, при што даноците се наплатени во износ од 27,758 милијарди денари и се за 6,2% повисоки во однос на истиот период лани. Растот на даночните приходи е по скоро сите видови даноци, така ДДВ е повисоко за дури 11,4% во однос на првото тримесечје лани, данокот на добивка е на ниво повисоко за 5%, увозните давачки се повисоки за 10,4%, персоналниот данок на доход е на скоро исто ниво како и лани, со раст од 0,8%. Придонесите се на повисоко ниво во однос на истото тримесечје лани за 3,3%“, посочи Бесими.

Министерот за финансии рече дека на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои се одржуваат неделава, е преставен Планот за финансирање на забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan).

„Ова е нов стратешки документ на Владата, кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, но и да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг. Планот за финансирање на забрзан раст ќе има важна улога за економијата во Република Северна Македонија и зголемување на бројот на работни места, преку користење на јавните инвестиции и средствата од официјалните кредитори за мобилизирање на приватниот капитал. Очекуваните резултати се двојно забрзување на економскиот раст (од 2,5% на 5% на среден рок), задржување на нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на мастришкиот критериум и раст на јавните и приватните инвестиции“, посочи Бесими.

Главната поента на овој план е преку креирање и користење на нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период 2021-2025 ќе се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места.

Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.

 

Прес-конференција на македонски јазик

Вкупно досега се одобрени 2.678 кредитни барања, во износ од 30,3 милиони евра

 

РБСМ, 01.04.2021  Нова група од 95 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата.

На Јавниот повик ,,Ковид 3”, пристигнале кредитни барања за 3.282 компании. Од нив се обработени вкупно 3.155 кредитни барања за 34,3 милиони евра, заклучно со 30 декември, 11 часот и 49 минути. Од овие кредитни барања, 2.678 ги исполниле условите од Јавниот повик, додека 477 не исполниле најмалку еден или повеќе услови наведени во Јавниот повик.

Според структурата на одобрените кредитни барања, 1.413 кредитни барања се од мали компании, 1037 барања се од микро компании, 170 кредитни барања се од трговци-поединци и 58 кредитни барања се од занаетчии. Корисниците на бескаматните кредити од третата линија вработуваат вкупно 18.927 лица.

Најголем дел од одобрените 2.678 кредитни барања, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 32%, а по него следат Полошкиот регион со 15%, Југоисточниот со 12% и Југозападниот регион со 11%. Од Источниот и Пелагонискиот регион се по десет отсто од одобрените кредитни барања, додека од Вардарскиот и Североисточниот регион доаѓаат по 5% од одобрените кредитни барања.

Според структурата на кредитните барања кои не исполниле најмалку еден или повеќе услови, 51% од апликантите не го исполниле условот поврзан со односот меѓу капиталот и резервите од билансот и износот на кредит, 23% од апликантите кои испратиле кредитно барање не биле микро или мало трговско друштво, ТП или занаетчија. Кај 8% од апликантите не е утврден пад на приходи од најмалку 20% во 2020 година споредбено со 2019 година, а 7% од апликантите биле во неприфатлива кредитна категорија. Останатите 11% биле поголеми субјекти од оние опфатени со Јавниот повик, нови субјекти или не ја комплетирале својата документација.

Заклучно со вчерашниот ден се исплатени вкупно 2.361 кредитно барање, односно 88% од одобрените кредитни барања. Вкупниот износ на исплатени кредитни барања изнесува 26,9 милиони евра.
Сите 3.155 апликанти чии кредитни барања се одобрени или не се одобрени, се известени на е-маил адресата од тековната состојба.