Вести

РБСМ, 18.05.2020

Почитувани,


Во согласност со Јавниот повик за поднесување на апликации за директна финансиска поддршка на трговските друштва и трговците поединци регистрирани во Република Северна Македонија од Посебниот кредитен фонд, Ве известуваме дека Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија во целост ја реализираше првата бескаматна кредитна линија „Ковид1“ од средствата од Посебниот кредитен фонд и кредитната линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Јавниот повик за кредитната линија беше објавен на 25.03.2020 година, а аплицирањето започна на 26.03.2020 година и траеше 30 дена, заклучно со 25.04.2020 година. Принципот на реализација на кредитната линија беше „прв дојден, прв услужен“.

Процесот на аплицирање се одвиваше исклучиво по електронски пат, согласно мерките за спречување на ширењето на вирусот и заштитата на јавното здравје.

Цениме дека кредитната линија успеа во разумно време да одговори на потребите на микро и малите трговски друштва за обртни средства, при што дури 77% во вкупно одобрените апликации се на микро компании.

Расположивите средства со јавниот повик „Ковид1“ (338 милиони денари) во целост се исцрпени со последните одобрени кредити од пристигнатите апликации на ден 06.04.2020 година до крајот на работното време. Во овој период евидентирани се вкупно пристигнати 1.024 кредитни апликации, од кои 738 се одобрени за кредитирање, а 286 апликации се одбиени поради неисполнување на условите и критериумите од јавниот повик.  

Од одбиените 286 апликанти, 28% се одбиени поради апликација со дејност различна од објавените во јавниот повик, 38% се одбиени поради негативен износ на капитал и резерви како резултат на кумулирани претходни загуби, 11% се одбиени поради презадолженост каде обврските на апликантите го надминувале износот на капитал за повеќе од четири пати, а останатите се одбиени поради недоволен капитал, полоша кредитна категоризација, основани помалку од 6 месеци и некомплетна документација.

Секој од одбиените апликанти ќе добие известување за основот по кој е утврдено дека не ги исполнува условите.

Согласно објавениот повик ги известуваме сите апликанти кои својата апликација за првата бескаматна линија ја направиле на 06.04.2020 година по работното време, дека нивните апликации нема да се разгледуваат од страна на банката, поради целосна исцрпеност на предвидените средства за доделување на бескаматни кредити од Посебниот кредитен фонд согласно ЈАВНИОТ ПОВИК КОВИД1.

РБСМ, 12.05.2020

 

Од 51-та седница на Владата:


На денешната седница на Владата, усвоена е информацијата на Развојна банка на Северна Македонија за четвртата група обработени кредитни апликации, со што се исцрпени предвидените фондови за првата бескаматна кредитна линија „Ковид 1“.

Со оваа четврта група, на вкупно 738 претпријатија кои вработуваат 6.524 лица им се одобрени кредитните барања за бескаматен кредит од „Ковид 1“ линијата. Средствата од кредитната линија се исцрпени заклучно со пристигнати кредитни апликации на 6-ти април 2020 година, до крајот на работното време. Процесирањето на кредитните барања, согласно јавниот повик, е по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Од 738 претпријатија чии кредитни барања се одобрени, 77% или 565 претпријатија се до 10 вработени, 21% или 155 претпријатија се до 50 вработени додека 2% или 18 претпријатија се со 18 вработени.

По структура од вкупно одобрените барања, 373 претпријатија со дејност угостителство ја искористиле оваа кредитна линија во износ од 3 милиони евра. Од дејноста на транспортот 320 претпријатија ја искористиле кредитната линија во износ од 2,3 милиони евра. Од дејноста на туризмот 43 претпријатија ја искористиле оваа кредитна линија на вкупен износ од 252 илјади евра.

Во денешната информација на Влада беа предложени дополнително уште 107 кредитни апликации со вкупно 936 вработени кои ги исполнуваат условите, во износ од 776 илјади евра. Од овие 107 компании, најголем дел се микро претпријатија до 10 вработени, 80%, додека 16% се мали претпријатија до 50 вработени. По дејности, 44 претпријатија се од дејноста на транспорт, 60 се од дејноста на угостителството и три се од дејноста на туризмот.

 

РБСМ, 28.04.2020

 

Од 47-та седница на Владата:


На предлог на Развојна банка на Северна Македонија, Владата денеска ја разгледа и усвои третата информација до Владата на Северна Македонија за обработени компании кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. На вкупно 377 компании со 2.735 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 2.533.892 евра.

Во трите групи заедно, се одобрени вкупно 631 кредитни апликации во вкупен износ од 4,7 милиони евра, за компании со 5,588 вработени.

По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22%, а средните компании до 250 учествуваат со 1%.

Од вкупно одобрените 4,7 милиони евра, 2,1 милион евра се одобрени на компании во транспортната дејност, 2,4 милиони евра се одобрени на компании од угостителството, додека останатите се одобрени на компании во туризмот (туристички агенции и туроператори).